Омилени анимеа

Осврти и мислење за популарните и не-толку-популарните анимеа

Омилени манги

Осврти и мислење за популарните и не-толку-популарните манги

Топ листи

Годишни осврти на најдобрите манги и анимеа

Кратки анимации

Видео од кратки но слатки уживања

Музика во анимеата

Фантастичките почетни или завршни музички теми

21 јули 2009 г.

The anti-fascist flying pig

"Подобро да сум свиња, отколку фашист"

Многу ретко, некое дело на Miyazaki има точно дефинирани постоечки локации и историски определено време. Всушност, ми требаше малку „чачкање“после гледањето на Porco Rosso за да го сфатам ова. Дејството на ова анти-воено филмче, започнува во близината на Fiume што е името за Ријека / Хрватска меѓу двете Светски војни.
Marco е италијански пилот, некогаш бил човек, но сега прасе (за жал не е баш објаснета таа клетва), кој се откажал од Италијанската војска, поради фашистичката политика и сега, во време на економска депресија меѓу војните, работи како заштитник на бродовите и островите во Јадранското море од пирати. Особено се однесува заштитнички кон убавата сопственичка на хотелот Adriano - Gina, а и таа му возвраќа со старото пријателство и посебната љубов што ја негува кон него. Marco / Porco Rosso (Црвено прасе) е постојано гонет од италијанската армија, пиратите и од каприците на младиот американски пилот Curtis кој сака да докажи во по малку каубојски стил дека е подобар од старото прасе. Како и во многу други негови филмови, оддавајќи омаж на женската сила, јасно ја нагласува употребата на женската работна сила, но и нивната интелигенција во време на војните преку младата, генијална механичарка Fio.
Филмот првично бил планиран како кратка верзија на мангата "The Age of the Flying Boat", но за жал, кога се спремал филмов (изадеден е 1992г.) беше актуелна војната во Југославија, па Miyazaki одлучил да му даде на филмот посериозен тон, без да се меша во политичките односи во Југославија. Останал верен на својата пасија за авионите и летањето, па само подетално ги разработил верзиите на авионите двокрилци со кои летаат Marco и Curtis.
Иако во филмот не се објаснува зошто станал прасе, и не е сосема јасно дали на крај сепак ќе му се врати човечкиот лик, Miyazaki во неколку интервјуа се обидел да го разјасни тоа. Имено, човек кога се мрази себеси станува прасе. Marco имал грижа на совест поради тоа што бил единствен преживеан од својот ескадрон, што е заљубен во жената на својот, сега веќе мртов пријател. Бил разочаран од тоа што бил војник и од човештвото кое потклекнува на такви идеали како фашизмот и војната за превласт. Кога ја запознава Fio и кога Gina му ја возвраќа љубовта, клетвата е скршена. Тој победува конечно, не ја разочарува љубовта и ја чисти својата совест. Па има повторно право да го носи човечкото лице.
Не беше нешто најдобро, но сепак лесно и интересно за гледање.

19 јули 2009 г.

Macross и една стара љубов

И порано споменав дека онакви женски ликови - јаки однадвор, меки одвнатре ми се омилени.
Кога бев мала и на ТВ се даваше Роботека, ја засакав Lisa Hayes (или Hayase Misa во Macross), не можам да се сетам зошто - се сеќавам дека од почеток не ми беше омилениот лик, изгледаше како ладнокрвна, вообразена кучка. Но, некако со време, ми оставаше поинаков впечаток, помалку трагичен. Никогаш не сум знаела да проценам карактери, и во луѓето често грешам кому се отварам и со кого се зближувам. Можеби и сега е така. Ама неможев никако да се сетам на ниеден друг лик од серијата, не до толку детали како на Misa. И бев пресреќна кога повторно го открив анимето, во уште подобрата верзија, Macross. И повторно да ја засакам Misa.
Ако почнам да го разглобувам анимево, секако не можам да останам објективна. Многу ми значеше и како дете, и многу ми значи и ден денес. Замислете, направено во 1982 година, неговиот терк го следат многу други, а особено целиот понатамошен серијал на Мacross. Го имате чувството на старите научно-фантастични серијали и филмови, атмосфера помалку збунувачка, шовинистичка и политички некоректна, надополнета со, за денешни услови, многу смешна музика. Јас се изненадив пријатно кога ја слушнав песната, која се јавува бар во оваа серија и во Macross Frontier. Фактот барем ме поднасмеа малку :)

Што се однесува до приказната, има некоја оригиналност, ако се размисли дека во овој период баш и немало вакви цртани серии. Не е нешто најдобро од овој жанр, не е нешто незаборавно, но сепак e нешто ново. На Земјата се урива свемирски брод, без знаци на живот; после 10 години реконструкција и планови за полетување, Земјата е нападната од џиновската раса Зентради, потполно милитаристичка раса, за која подоцна низ серијата ќе се воспостави дека дели иста предисторија со луѓето. Зентрадите незнаат за односите машки-женски, немаат песни, немаат никакви услови за хедонизам, немаат „култура“. И почнува војната. Свемирски борби на пилотирани летала, и волшебната песна на Minmay, која ќе ги освои Зентрадите. Земјата го жртвува Макрос за да се спаси, Армијата која е испратена од Зентрадите е исто така планирана жртва, папосле уништувањето на светот, Земјата почнува да функционира како Нови Обединети Нации на Миклонци и Зентради... ништо посебно.
Интересни се ликовите и моментите на раскажување на нивните лични приказни, љубовните тријаголници, скршените срца, преданите пријатели, предадените идеали, изгубените стари и стекнатите нови пријателства. Не се нешто претерано обработени, нема некои ефекти во цртежот, сега се’ делува некако старо и подизгужвано, но ако ја вклучиме машината за патување низ времето, ќе стане нешто неверојатно, прекрасно и возбудливо. Или ако гледаме пообјективно од мојот overly-zealous point of view, нешто „барем не досадно“, и можеби и „вредно да му се даде шанса“.

Претпоставувам дека Misa не е омилениот лик на публиката, особено не покрај убавата Мис со прекрасниот глас кој ја извојува победата на Миклонците/Теранците/Земјаните. Кога се споредува со Minmay се претставува себеси како нежествена, постара, сериозна и помалку кучка. Постојано сама после трагичната љубов, и не го заслужува вниманието на Ichijо, не онака како што би го заслужила Minmay. Кога бев мала ја засакав,зашто ми беше трагичен лик, кој застанува на нозе после се’ што ќе истрпи. Ги сакав нејзините лути испади и му се лутев на Ichijo. Сега ја засакав уште повеќе. Неа и нејзиното резонирање, и чувствата и испадите. И му бев лута на Ichijo, повторно. Мислам дека секогаш сум се поистоветувала со такви ликови, или ми биле репер. А Misa е оној првиот лик, значи омилениот.

14 јули 2009 г.

Geniusly assembled, part 5

Фала Богу, BSS успешно ги преведоа и sub-оваа преостанатите две епизоди од Genius Party првото DVD. За среќа, после нивното прегледување можам да заклучам дека совршено го надополнуваат целиот круг на серијалов. Во анимација, приказна и порака.
Deathic 4 е сосема едноставно аниме, со обична приказна и одлична, оригинална анимација. Станува збор за светот на мртвите, т.е. зомбите, кога едно „момче“ ќе налета на жива жаба. Пред се’ поради детската игра, а потоа и заради љубопитноста и доблеста да се спаси нечиј „живот“, момчето со своите другари, „суперхерои“, бара начин да го избави миленичето и да во врати во „другиот“ свет. Интересен и моментот што зомбите зборуваат на јазик кој не наликува на ниеден познат на Земјата. Режијата е на Kimura Shinji кој е art-director на Steam-boy и Tekkon kinkreet и background artist на филмови како Akira, My neighbor Totoro и Angel's egg.




Или јас незнам што е деменција, или некој потполно погрешно ја дефинирал епизодава, но Limit Cycle по мене барем, е сосема логична епизода. Единствено што е помалку напорна по мозокот. Мора да се концентрирате и да ги слушате зборовите, буквално да го врежувате она што го читате и да го процесирате - значи ви треба малку време да ја сварите. Но кога ќе почнете да ја разбирате сфаќате дека не е приказна, ни нарација, туку цитати од философска расправа. Поточно, цитати од Pensées на Blaise Pascal. Дури и самиот збор limit-cycle се однесува на виша математика - затворена траекторија во фазен простор (претпоставувам добро преведов, не ми е воопшто познат овој дел од динамичките системи). Низ помалку CG анимација и фотографии, патува главниот лик низ светот, природата и математичките принципи зборувајќи за дуалноста на светот и значењето на природата, Господ Бог и Јас. Генијално режирано во заслуга на Futamura Hideki, кој има кратка, но значајна кариера како режисер на Jojo's bizzare adventure или key animator на Perfect Blue или Vampire Hunter D: Bloodlust. За мене сеуште интригантно - зошто епизодава толку ме фасцинира и покрај фактот што не ми е сосема јасна.




6 јули 2009 г.

Astro G-man

Како продолжение на претходниот пост, уште еден дел од "Amazing Nuts!" е и ова промо/демо видео за аниме на Nakayama Daisuke, кое би требало да биде долгометражен филм во CG изработка со 2Д рендер. Помалку вестернизирано, помалку диво, со повеќе хип-хоп музика и налик на музичко видео за песна на Gorillaz - навистина личи на промотивен спот, но искрено, ми фаќа окото. Едноставно, оригинално a-must-see според мене.

Kung Fu Girl

Со момците од Studio 40 не сте сигурни што ќе добиете, но едно е сигурно - ќе гледате нешто саркастично, откачено и потполно воодушевувачки. Не е ни чудо што нивната колекција на кратки анимирани филмови го носи името "Amazing Nuts!"

Kung Fu Love првовремено беше промотивно видео, демо верзија на аниме кое требаше да биде серијализирано. Оваа верзија раскажува за девојката која стои спроти светот - буквално и нејзините причини и поводи. И нормално, покрај откачената приказна, воодушевува и цртежот и анимацијата, во режија на очигледно талентираниот Yasuhiro Aoki


Искрено, би била среќна да гледам подолга верзија од спотчево, ама и ова ми беше доволно за добро утро :)

5 јули 2009 г.

Crossed destinies part 2

Всушност, незнам со што да почнам попрво, со X или со Shunraiki и Shunmuki, посебно што за xxxHolic не сум пишувала на блогов. Па ајде тогаш за X.

Искрено, гледав се’ што најдов за X, најпрво ОВА-та, која повеќе ми изгледаше како промотивно пол-часовно видео, потоа серијата од 24 епизоди и на крај филмуваната верзија на мангата. Дури си дозволив да си ги проверам своите моќи на критичар па напишав и review на MAL ^^.

X е уште едно дело на CLAMP, чии ликови се појавуваат и во нивни други серии, дури и одредени елементи како пердувите во Tsubasa, бариерите на заштита во Chobits и сл.
Приказната е за крајот на Милениумот, кога доаѓа Армагедонот, Судниот Ден, и избраниот од Бога, Камуи, треба да одлучи за иднината на светот - дали ќе го уништи постоечкиот или ќе го заштити. Помалку мешавина на христијанството, дуализмот и теоријата дека целата земја е жив организам, накрај може да се опише како апокалиптична фантастична трагедија.


Приказната е (не)стандардна, за вечната борба на доброто и злото, и како таа борба не е црно-бела верзија, туку зад секоја страна стои „the greater good“ причина.
Мангата, за жал, не е завршена, откажана е заради големото насилство во неа, сцени на крв и убиство и приказна за крајот на светот. Анимето пак има малку посветла страна, што се избегнати крвавите сцени, иако насилството е малку потешко да се избегне. Иако започнува релативно мирно, со единствено нејасен, но очигледен личен конфликт меѓу Kamui и Fuuma, веднаш продолжува со сцени на смрт и притисок за избор на страната на уништување или заштита. A изборот навистина не е очигледен, секој од ликовите си има причина зошто е дел од Змејовите од Земјата или Змејовите од Небото. И тоа одлично се раскажува, пополека низ меѓусебните средби и конфликти на ликовите.

И ликовите од своја страна се одлично обработени, пресвртите и предавствата и менувањето на страните само зборуваат повеќе за тоа колку е морално тешко да се избери правилно, колку се големи жртвите што секој ги прави за спас на некој близок, колку работите едноствно се некаде помеѓу белото и црното. Ви станува јасно дека секој лик е посебен, не само поради очигледната физичка разлика и стилот на борба, туку поради нивните позадински причини, а тоа успешно е растегнато и раскажано низ сите епизоди.
Филмот пак со цел да раскаже приказна во час и половина, потполно поинаку ги води настаните и за жал, ако го гледате независно, практично нема да ви биде ништо јасно. Особено тагувам по фактот што не успеале воопто да ги доловат ликовите, а приказната води кон друга цел и поинакво финале. И тука некако јасно станува зошто не е завршена мангата. Како премногу да размислувале што, како, кој, кого, кому, кога.... прашаа има безброј.

Сепак, на крај, малку повеќе ми се разјасни приказната за Tsubasa Reservoir Chronicles, барем што се однесува на односот Kamui/Fuuma и Subaru/Seishiiro, и зошто во Tokyo Revelations би ги претставиле Kamui и Subaru како вампирите близнаци, a харизматичните браќа Fuuma и Seishiiro вечно во потрага по нив. Искрено, ги засакав уште малку повеќе, особено, мене сеуште омилениот пар Sorata и Arashi.