Омилени анимеа

Осврти и мислење за популарните и не-толку-популарните анимеа

Омилени манги

Осврти и мислење за популарните и не-толку-популарните манги

Топ листи

Годишни осврти на најдобрите манги и анимеа

Кратки анимации

Видео од кратки но слатки уживања

Музика во анимеата

Фантастичките почетни или завршни музички теми

Се прикажуваат објави со етикета Madhouse studios. Прикажи ги сите објави
Се прикажуваат објави со етикета Madhouse studios. Прикажи ги сите објави

4 јули 2010 г.

Боите на виножитото

Еден нежен женски глас раскажува. Листа низ изгребани слики, фотографии од среќни моменти, сеќавања на нечие несреќно детство.

Оваа сезона меѓу најдобрите анимеа според мене е Rainbow, приказна за седуммина малолетнички „деликвенти“ во поправен дом, одамна, во 1955 година. Период кој бил толку тежок за Јапонија, која се опоравувала бавно после Втората светска војна. Пред да почнам со гледање, очекував некакво поинакво насилство и некаква поинаква драма. Како оние американските затворски приказни за некој кој невин се наоѓа во свет на безмилосни криминалци кои не гледаат подалеку од своите лични интереси на преживување во таква груба средина.

Но, Rainbow раскажува приказна за секое момче одделно. И секоја раскажана приказна ве потсеќа толку многу на сите оние тажни стории во весниците за физичко и психичко малтретирање на децата, оние стории кои ви ги полнат очите со солзи. Едноставно, не гледате никаква вина во нивните (не)дела. Сите се (релативно) невини во вашите очи. И уште на почетокот ви е јасно дека не гледате 7 различни приказни, туку 7 делови од една братска приказна за опстанокот меѓу ладните затворски ѕидови. Уште на почетокот секој од нив си наоѓа место и улога во приказната, а посебно во делот на разоткривање на перверзните, насилни и одвратни ликови на главниот чувар и на докторот, и во секој план за победа и бегство.

Анимацијата е навистина добра, посебно што се гледа потеклото од манга цртежот. Ликовите се толку дистинктивни, заедно со гласовите, и дури и прекарите се навистина својствени за карактерите и нивните позадински приказни. Особено, едвај чекате да ве помилува нежниот глас на раскажувачот (-чката) и нежно да ви раскаже за соништата или желбите на децата. И музиката, особено the opening theme - се’ совршено работи за ова аниме да добие високи оценки и кај критичарите и кај фановите.



coldrain - We're not alone


Незнам точно колку епизоди ќе има и на каде ќе продолжи приказната, ама едвај ја чекам секоја наредна недела кога излегува нова епизода, да ја видам заборавената борба на момчињата со животот.

3 ноември 2009 г.

Metropolis revitilized

Под псевдонимот кој го носам без право, продолжувам да пишувам на страницава, за душичкава моја и менталната релаксација која ми ја дава анимето, воопшто.

Кога го прочитав насловот, очекував нешто слично на Metropolis, германскиот нем екпресионистички научно фантастичен филм од 1927 година. И не се излажав многу. Всушност, премисата на двата филмови е иста - последиците од капитализмот и социјалната криза на класната поделба. Иста е и неверојатно замислената архитектура, на високи згради која потсеќа на Њу Јорк, аналогијата на Вавилонската кула / Зигуратот - патот до небото и Боговите, напредната технологија која доминира низ целата приказна и во секојдневниот живот на јунаците.
Анимето се базира на манга, која оригинално е напишана од Tezuka Osamu (The God Of Manga) во 1949 година, инспирирана од единствена слика од раѓањето на роботот од германскиот филм, без авторот претходно да го погледне филмот. Меѓутоа, филмуваната верзија, т.е. анимето, тема на постот е многу поблиску до оригиналниот нем филм. Но барем, карактеристичниот цртеж на авторот на Astro Boy и Black Jack, ја задржал својата мекост на острата позадина на технички фантастичниот свет.
Разликата е и во ликовите и нивната улога, го нема дуалитетот кој беше некако подтема на филмот, во однос на пример, на улогата на работниците (како роботи), ниту пак виси во воздух прашањето на полот на ликовите. Иако Duke Red и овде се бори меѓу улогите на татко и владетел над градот. Tima е робот - девојче со реален човечки лик, направена како ќерката на Duke Red. За разлика од неа, Michi е главниот лик во мангата, кој може да си го менува полот по желба. Или пак, ликот на Мариа и роботот по нејзин лик, и нивната улога во оригиналниот филм.

Музиката е некако „откачено вклопена“, цело време вие New-Orleans-style-brass band-jazz, а во климаксот на настаните кога се руши Зигуратот, свири Ray Charles и неговата I Can't Stop Loving You - искрено мене ми беше memorable moment, можеби поради тоа што звукот на песната ги надгласи звучните ефекти на рушењето. Не беше ништо помалку ефективно од оригиналната симфониска музика на големиот оркестар на Вајмарската република во лајт-мотивот на Wagner и Strauss. Едноставно поддршка на ефектот дека се случува нешто величенствено.


Don't you ever let them tell you who you are