Омилени анимеа

Осврти и мислење за популарните и не-толку-популарните анимеа

Омилени манги

Осврти и мислење за популарните и не-толку-популарните манги

Топ листи

Годишни осврти на најдобрите манги и анимеа

Кратки анимации

Видео од кратки но слатки уживања

Музика во анимеата

Фантастичките почетни или завршни музички теми

31 јули 2009

Just another eye-candy

За жал ретко има добри анимеа во последно време што ги опфаќаат сите елементи на задоволство. И за жал, и Yukikaze спаѓа во групата на „просечни кон ОК“. Ако сте расположени за уште едно неверојатно CG доживување, а притоа сте доволно стрпливи да ја погледнете целата приказна (5 епизоди по 35 минути) која е толку расфрлана и уште поткрепена со уште по-„бајати“ карактери, само тогаш впуштете се во гледање на анимево.

Пред неколку децении Земјата е нападната од вонземјани преку портал на Антарктикот. ОН успеваат да ги истуркаат непријателите назад преку порталот до нивната планета Fairy, но таму битката продолжува помеѓу мистериозните непријатели и пилотите на Специјалната Авијација, дел од ФАФ (Fairy Авијација). Во центарот на приказната е младиот пилот и неговиот авион Yukikaze (име на јапонски разурнувач од Втората Светска војна), кој поседува огромна вештачка интелегенција.

Единствено нешто што ве држи да не чепкате по ФБ или МАЛ или нови торенти додека работи вашиот плеер, се неверојатните анимации на воздушни битки помеѓу ЈАМ и авионите од Земјата. Карактерите се...па, скоро без карактер и потполно досадни, оние кои би требало да бидат носечки речиси и воопшто да не се издвојуваат од оние споредните. Приказната е толку расфрлана, помешана и досадна, што треба озбилно да се намачите да ви се допадне. А тоа не е целта на нашето гледање аниме, нели? Па одлучив да го закачам овој можеби и неофицијален trailer без приказна...зашто ова е единствената причина што го изгледав анимево до крај, а вас можеби и ова ќе ви биде доволно:

29 јули 2009

Боженствена комедија во 10 минути

Ова е нешто старо, одамна прикажано на Јапанорама, ама epic е... комплет :) Плус, некако имав инспирација да ја посветам некому ;)

Можеби најдобротo дело на Studio 4oC и на Nakazawa Kazuto, кој еднаш веќе го споменав овде.



Во време на Борбата за независност на Ирска, петгодишно девојче оди во Замокот на Демоните да го бара Црниот Витез. Витезот е роден во време кога „книгите симболизираат моќ и смеењето или зборувањето за нив е табу“, па тие се единствено платежно средство кои тој го прифаќа. Девојчето за неговата услуга му плаќа со (мислам) "Denny's Comedy" и успева на крај да го натера да се насмее. (Не е Боженствената Комедија на Данте, проверено)
Во овие 10 минути свират две дела на Franz Peter Schubert - "Ave Maria" и "Erlkönig", така што стои и претпоставката дека "Lucifer" на Schubert е всушност и инспирација за ова кратко, но слатко уживање.

27 јули 2009

Too real

Не е нешто особено, и не е нешто невидено, и не е нешто што апсолутно „моооора да се види“. Ама е ОК, за нешто кратко (12 еп. + ОВА) и релативно лесно, без преголем напор на мозокот. Посебно што ме потсети на онаа многу добра германска ТВ серија (live action) што ја даваа на ТЕЛМА, за екипата на хеликоптери за спасување и нивните секојдневни победи, ако некој by off chance ја гледал.
Yomigaeru Sora e аниме кое се занимава со оваа тематика - реалноста на пилотите и медицинскиот персонал на ваквите хеликоптери. Посебно што реалните приказни од реални животни ситуации, од кои некои се особено трагични и потресителни, се надополнети со одлична анимација на хеликоптерите и останатата механика. CG kicks ass here. Ликовите се само површно обработени, меѓутоа многу реално, ги нема оние екстра драматики и себе-анализи што ги има во другите драмски серии од овој тип. Што значи - ликовите се одлични, заедно со seiyuu-ата позади нив.
Едноставно аниме што зборува за соништата и плановите што ги имаме и како многу треба да работиме за да стигнеме до нив. Дека понекогаш она што го сакаме не е она што е најдобро за нас. И дека мора да го искористиме секој момент и од она во кое се наоѓаме моментот. Да ја промениме перспективата, оптимистички, да си поставиме нова цел. И животот има повторно смисла. Што вели еден лик во серијата, секој ден без оглед колку жртви има, ако само една е спасена, тој ден е победа.

Ми се допадна нешто што дознав денес. Една фирма во Македонија имаат на влез мото Si vis pacem, para bellum - Ако бараш мир, припреми се за војна. Фино мото, нема што.

25 јули 2009

Фолклор низ тишина и осаменост

"It's all in the eyes of the beholder"
Кога за прв пат почнав да го гледам Mushishi пред нешто повеќе од година дена, ми беше бескрајно досадна епизодноста на приказната (иако ги изгледав само првите две епизоди), ми беше напорно да гледам аниме со тивка background музика, бавно и некако полно со осаменост и меланхолија. Можев да го drop-нам и да го дефинирам како „бљак“, како моите ценети отаку другарчиња (no pun intended :P). Незнам што се промени, можеби личната состојба на меланхолија, можеби се’ помалку дискриминирачкиот поглед врз жанровите аниме, можеби само едноставно имало среќа да дојде на ред. И за среќа, за мене, зашто уживав во едно ремек дело. Последен пат вака сум се осеќала за Kino no Tabi, иако жанровски би го сврстила (и е сврстено) во група со Natsume Yuujinchou. Навистина, одамна не сум уживала во раскажувањето, до толку, што сеуште ги паметам приказните и би сакала секогаш да ги паметам.
Можам да ви ја раскажам приказната за девојчето со клетва да умира секој ден, за вторите очни капаци, за мајката-ќерка и островот на Вратените, за трагачот по виножитото, за девојката од патувачкото мочуриште, за пролетта насред зима, за девојката со зарѓан глас, за претскажувачот, за сестричките разделени од невнимание, за слепата девојка која гледа во иднината, за девојката со гревот на нејзините претци врз нејзиното тело, за децата на папратот, за планината која живее на една хакама, за човечката жртва на гладта, за жената-бамбус, за детето изгубено во темнината... Сите приказни кои почнуваа интригантно, возбудливо, раскажани секоја на свој начин, а завршуваат секогаш мирно, тивко, секоја со своја единствена песна... како хаику. Во вакво меланхолично расположение како што сум сега, вака соџвакано, оддалеку... сеуште ми изгледа совршено.
Ginko (во превод би дошло како „сребрено дете“), со сребрена коса и едно зелено око, е mushishi - трагач, откривач и лекувач, познавач на mushi-те, суштествата помеѓу овој и оној свет. Низ неговите патешествија, со гласот на неговата учителка Nui, се раскажуваат приказни од прекрасниот, обилен фолклор на Јапонија. Фолклор полн со мистика.
Mushishi инаку е манга во 10 тома, дело на Urushibara Yuki, која заврши со издавање во 2008 година, и која покрај анимето има и live-action адаптација (не ни помислувам да споменам нешто за тоа). Мангата и анимето имаат добиено повеќе награди, а и двете во 2007 на 10тиот јапонски Фестивал на медијска уметност рангираа меѓу првите 10 во своите категории. Уште еден факт дека станува збор за нешто што не е само комерцијално вредно за гледање, туку и уметнички, а по овој мој секогаш прекраток осврт, и духовно. Па, препорака - не го drop-нувајте. ;)

23 јули 2009

Љубовна приказна и растење

Ми тргна со Miyazaki. Еден ден седнав и ги изгледав сите негови филмови во еден здив... бар оние што ги немав гледано. Незнам зошто сум ги оставила за доцни години, ама сепак, и покрај оние карактеристики за кои и самиот тој вели дека се типични за секој негов филм, незнам зошто... сите ми беа различни. Конкретно Whisper of the heart не е во режија на Miyazaki, тој го пишува само текстот за филмот, но сепак е дел од филмовите на Studio Ghibli. Иако, ова е првиот филм на Ghibli кој користи дигитална технологија во движењето на елементите во светот на Баронот на пример, и прв јапонски цртан филм кој користел Dolby Digital технологија. Тоа, секако, не го спречува да биде одличен филм.
Оригиналниот наслов на филмот е Mimi o Sumaseba (耳をすませば), буквално значи Ако слушаш внимателно и е адаптација на мангата и новелата со ист наслов од Hiiragi Aoi. Иако, во многу детали двете приказни се потполно различни, основата е иста. Приказната е за Shizuku, која е сосема обично девојче, заљубено во светот на книгите. Еднаш патувајќи со воз, случајно ќе наиде на голема дотерана мачка, која ќе ја одведе до продавницата за антиквитети каде започнуваат сказните. Тука ќе го запознае Seiji, кој и’ го кажува сонот да учи да прави виолини во Cremona, што ќе ја поттикне и Shizuku да го оствари својот сон и да пишува книги, тестирајќи се со приказна за Баронот, чудната мачка од антикварницата.
Филмот многу нежно, непретенциозно зборува за растењето, за тенката линија на пријателството и детската љубов, за изборот што го правиме кога растеме и прашањето „што сакаме да бидеме“. Сето тоа го раскажува низ прекрасни сцени на реалниот и имагинарниот свет. Сцените во фантазијата на Shizuku, летечките острови и чудните градови се дело на уметникот Inoue Naohisa кој целата своја фантазија ја преточува во сликите кои Ghibli ги претвори во уметничкиот филм Iblard Jikan.
Има нешто што ме потсети на 5 centimeters per second, претпоставувам звукот на емоциите, бидејќи во основа се толkу различни. Во Whisper of the heart, децата на 14 години, сеуште се по малку деца, нивните светови се полни со книги за фантастичниот свет на самовилите, џуџињата (и мачките), љубовта има поинаква смисла и шанса, а ветувањата се помалку реални и сеуште детски. И setting-от, и приказната, и ликовите, се’ е некако по-детски, по-фантастично, и според мене, малку пореално.

21 јули 2009

The anti-fascist flying pig

"Подобро да сум свиња, отколку фашист"

Многу ретко, некое дело на Miyazaki има точно дефинирани постоечки локации и историски определено време. Всушност, ми требаше малку „чачкање“после гледањето на Porco Rosso за да го сфатам ова. Дејството на ова анти-воено филмче, започнува во близината на Fiume што е името за Ријека / Хрватска меѓу двете Светски војни.
Marco е италијански пилот, некогаш бил човек, но сега прасе (за жал не е баш објаснета таа клетва), кој се откажал од Италијанската војска, поради фашистичката политика и сега, во време на економска депресија меѓу војните, работи како заштитник на бродовите и островите во Јадранското море од пирати. Особено се однесува заштитнички кон убавата сопственичка на хотелот Adriano - Gina, а и таа му возвраќа со старото пријателство и посебната љубов што ја негува кон него. Marco / Porco Rosso (Црвено прасе) е постојано гонет од италијанската армија, пиратите и од каприците на младиот американски пилот Curtis кој сака да докажи во по малку каубојски стил дека е подобар од старото прасе. Како и во многу други негови филмови, оддавајќи омаж на женската сила, јасно ја нагласува употребата на женската работна сила, но и нивната интелигенција во време на војните преку младата, генијална механичарка Fio.
Филмот првично бил планиран како кратка верзија на мангата "The Age of the Flying Boat", но за жал, кога се спремал филмов (изадеден е 1992г.) беше актуелна војната во Југославија, па Miyazaki одлучил да му даде на филмот посериозен тон, без да се меша во политичките односи во Југославија. Останал верен на својата пасија за авионите и летањето, па само подетално ги разработил верзиите на авионите двокрилци со кои летаат Marco и Curtis.
Иако во филмот не се објаснува зошто станал прасе, и не е сосема јасно дали на крај сепак ќе му се врати човечкиот лик, Miyazaki во неколку интервјуа се обидел да го разјасни тоа. Имено, човек кога се мрази себеси станува прасе. Marco имал грижа на совест поради тоа што бил единствен преживеан од својот ескадрон, што е заљубен во жената на својот, сега веќе мртов пријател. Бил разочаран од тоа што бил војник и од човештвото кое потклекнува на такви идеали како фашизмот и војната за превласт. Кога ја запознава Fio и кога Gina му ја возвраќа љубовта, клетвата е скршена. Тој победува конечно, не ја разочарува љубовта и ја чисти својата совест. Па има повторно право да го носи човечкото лице.
Не беше нешто најдобро, но сепак лесно и интересно за гледање.

19 јули 2009

Macross и една стара љубов

И порано споменав дека онакви женски ликови - јаки однадвор, меки одвнатре ми се омилени.
Кога бев мала и на ТВ се даваше Роботека, ја засакав Lisa Hayes (или Hayase Misa во Macross), не можам да се сетам зошто - се сеќавам дека од почеток не ми беше омилениот лик, изгледаше како ладнокрвна, вообразена кучка. Но, некако со време, ми оставаше поинаков впечаток, помалку трагичен. Никогаш не сум знаела да проценам карактери, и во луѓето често грешам кому се отварам и со кого се зближувам. Можеби и сега е така. Ама неможев никако да се сетам на ниеден друг лик од серијата, не до толку детали како на Misa. И бев пресреќна кога повторно го открив анимето, во уште подобрата верзија, Macross. И повторно да ја засакам Misa.
Ако почнам да го разглобувам анимево, секако не можам да останам објективна. Многу ми значеше и како дете, и многу ми значи и ден денес. Замислете, направено во 1982 година, неговиот терк го следат многу други, а особено целиот понатамошен серијал на Мacross. Го имате чувството на старите научно-фантастични серијали и филмови, атмосфера помалку збунувачка, шовинистичка и политички некоректна, надополнета со, за денешни услови, многу смешна музика. Јас се изненадив пријатно кога ја слушнав песната, која се јавува бар во оваа серија и во Macross Frontier. Фактот барем ме поднасмеа малку :)

Што се однесува до приказната, има некоја оригиналност, ако се размисли дека во овој период баш и немало вакви цртани серии. Не е нешто најдобро од овој жанр, не е нешто незаборавно, но сепак e нешто ново. На Земјата се урива свемирски брод, без знаци на живот; после 10 години реконструкција и планови за полетување, Земјата е нападната од џиновската раса Зентради, потполно милитаристичка раса, за која подоцна низ серијата ќе се воспостави дека дели иста предисторија со луѓето. Зентрадите незнаат за односите машки-женски, немаат песни, немаат никакви услови за хедонизам, немаат „култура“. И почнува војната. Свемирски борби на пилотирани летала, и волшебната песна на Minmay, која ќе ги освои Зентрадите. Земјата го жртвува Макрос за да се спаси, Армијата која е испратена од Зентрадите е исто така планирана жртва, папосле уништувањето на светот, Земјата почнува да функционира како Нови Обединети Нации на Миклонци и Зентради... ништо посебно.
Интересни се ликовите и моментите на раскажување на нивните лични приказни, љубовните тријаголници, скршените срца, преданите пријатели, предадените идеали, изгубените стари и стекнатите нови пријателства. Не се нешто претерано обработени, нема некои ефекти во цртежот, сега се’ делува некако старо и подизгужвано, но ако ја вклучиме машината за патување низ времето, ќе стане нешто неверојатно, прекрасно и возбудливо. Или ако гледаме пообјективно од мојот overly-zealous point of view, нешто „барем не досадно“, и можеби и „вредно да му се даде шанса“.

Претпоставувам дека Misa не е омилениот лик на публиката, особено не покрај убавата Мис со прекрасниот глас кој ја извојува победата на Миклонците/Теранците/Земјаните. Кога се споредува со Minmay се претставува себеси како нежествена, постара, сериозна и помалку кучка. Постојано сама после трагичната љубов, и не го заслужува вниманието на Ichijо, не онака како што би го заслужила Minmay. Кога бев мала ја засакав,зашто ми беше трагичен лик, кој застанува на нозе после се’ што ќе истрпи. Ги сакав нејзините лути испади и му се лутев на Ichijo. Сега ја засакав уште повеќе. Неа и нејзиното резонирање, и чувствата и испадите. И му бев лута на Ichijo, повторно. Мислам дека секогаш сум се поистоветувала со такви ликови, или ми биле репер. А Misa е оној првиот лик, значи омилениот.

14 јули 2009

Geniusly assembled, part 5

Фала Богу, BSS успешно ги преведоа и sub-оваа преостанатите две епизоди од Genius Party првото DVD. За среќа, после нивното прегледување можам да заклучам дека совршено го надополнуваат целиот круг на серијалов. Во анимација, приказна и порака.
Deathic 4 е сосема едноставно аниме, со обична приказна и одлична, оригинална анимација. Станува збор за светот на мртвите, т.е. зомбите, кога едно „момче“ ќе налета на жива жаба. Пред се’ поради детската игра, а потоа и заради љубопитноста и доблеста да се спаси нечиј „живот“, момчето со своите другари, „суперхерои“, бара начин да го избави миленичето и да во врати во „другиот“ свет. Интересен и моментот што зомбите зборуваат на јазик кој не наликува на ниеден познат на Земјата. Режијата е на Kimura Shinji кој е art-director на Steam-boy и Tekkon kinkreet и background artist на филмови како Akira, My neighbor Totoro и Angel's egg.




Или јас незнам што е деменција, или некој потполно погрешно ја дефинирал епизодава, но Limit Cycle по мене барем, е сосема логична епизода. Единствено што е помалку напорна по мозокот. Мора да се концентрирате и да ги слушате зборовите, буквално да го врежувате она што го читате и да го процесирате - значи ви треба малку време да ја сварите. Но кога ќе почнете да ја разбирате сфаќате дека не е приказна, ни нарација, туку цитати од философска расправа. Поточно, цитати од Pensées на Blaise Pascal. Дури и самиот збор limit-cycle се однесува на виша математика - затворена траекторија во фазен простор (претпоставувам добро преведов, не ми е воопшто познат овој дел од динамичките системи). Низ помалку CG анимација и фотографии, патува главниот лик низ светот, природата и математичките принципи зборувајќи за дуалноста на светот и значењето на природата, Господ Бог и Јас. Генијално режирано во заслуга на Futamura Hideki, кој има кратка, но значајна кариера како режисер на Jojo's bizzare adventure или key animator на Perfect Blue или Vampire Hunter D: Bloodlust. За мене сеуште интригантно - зошто епизодава толку ме фасцинира и покрај фактот што не ми е сосема јасна.