20 септември 2009 г.

The Alternative

Да речеме дека ви се допаѓа некоја серија, на пример Fullmetal Alchemist, Eureka 7 или во случајов Macross. Би се нафатиле ли да ја гледате алтернативната приказна? Друга верзија, односно потполно поинаков почеток, тек и крај на приказната, исти ликови но со малку изменети карактери во однос на оригиналот. Т.е. FMA: Brotherhood, Eureka 7 - Pocket full of Rainbows или Macross: Do you remember love? За среќа, наведените примери и други слични, бар тие кои јас сум ги гледала, не биле полоши од оригиналот.
Macross: Do you remeber love? е филм кој ја раскажува хронолошки истата приказна со оригиналната серија. Но, развојот на настаните е многу поинаков. Почнувајќи од моментот на средба на Hikaru и Minmay, војната меѓу Миклонците и Зентрадите, и улогата на Мелтландите - жените џинови во војната, судбината на Земјата и тајната на Протокултурата, поврзана со звукот од декодираните музички табли од Протокултурата и гласот на Minmay.
Но, и не е се така поинаку. Пред Ichijo повторно е изборот помеѓу двата главни женски лика. Minmay или Misa? Која алтернатива на иднината да ја одбере? Само што овој пат Ichijo Hikaru не се однесуваше како дете што ви доаѓа да го удирате по уши секој пат кога треба да одличи. Одлуката ја прави брзо и зрело, па не ме налути овој пат.
За разлика од оригиналната серија, во филмов го нема шовинизмот, жените имаат повеќе улога на Амазонки, и психички и социјални, и иако приказната е позбиена, и алтернатива на текот и исходот на настаните, јасно е раскажана и 2 часа веднаш поминуваат. И иако не се раскажани толку детално односите и врските помеѓу Културата и Протокултурата, Мажите и Жените, трите главни ликови се доволно добро опишани да го објаснат насловот: Do You Remeber Love? Само повторно, како и секоја верзија на Macross, не ви е јасно како успева Minmay со песната на Протокултурата да го смени исходот на војната.
Знам, пристрасна сум за Macross и Hayase Misa. И знам дека овие sci-fi space battles пропратени со филингот на мјузикл делуваат некако girly, but who cares. Јас навистина уживав во цртежот, анимацијата, па дури и, смешно но вистинито, во поп-песните на младата ѕвезда од Macross.

0 коментари: